Индиските сили открија значителна залиха на оружје и муниција – сите со кинески ознаки – во Кашмир, каде што неодамна нагло се зголеми бројот на терористички напади со рачни гранати, пренесува РТ.
Според „Хиндустан тајмс“, индиските безбедносни сили заплениле околу 70 кинески рачни гранати во проблематичната држава Џаму и Кашмир од јануари минатата година. Објавувањето на информациите доаѓа по новата серија терористички напади во индискиот дел на Кашмир.
„Во овие напади беше користена мешавина од гранати произведени во Кина и во Пакистан, но има изненадувачки пораст во употребата на кинеските гранати”, изјави неименуван офицер од полицискиот тим за контратероризам.
Рачните гранати се полесни за носење и предизвикуваат многу поголема штета ако се фрла од далечина.
Војската исто така запленила и пиштоли, муниција што пробива панцир и светлечка муниција од кинеско потекло, а нивната употреба внесува нова димензија на закана за индиските безбедносни сили, се предупредува во извештајот.
Весникот ги цитира полициските службеници кои тврдат дека главната причина за користењето кинеската муниција е што Пакистан, кого Индија го обвинува за помагање на милитантите одКашмир, не сака оружјето што се користи во Џаму и Кашмир да се поврзе со него.
Одделно, неименуван разузнавач сугерирал дека кинеската муниција можела да биде шверцувана преку ‘линијата на контрола’, силно милитаризирана граница која ги дели пакистанскиот и индискиот дел на Кашмир. Сепак, ниту еден од овие извори не понудил веродостоен доказ за таквите тврдења.
Кина со децении е постојан извор на воена опрема за пакистанската армија. Неодамн,а воените сили на Пакистан распоредија кинески системи за воздушна одбрана и радари за покривање на воздушниот простор над индиската граница. Имено, воздухопловните сили на Пакистан користеа кинески борбени авиони во смртоносниот судир над Кашмир во февруари.