Се уште е мал процентот на вакцинирани деца и затоа има нови случаи на морбили. Од вкупниот процент невакцинирани деца сега во Скопје и надвор од Скопје се вакцинирани 45 проценти. Вкупниот број невакцинирани деца беше 10 отсто од вкупниот број деца кои подлежат на вакцинација. За жал процентот на вакцинирани деца од вкупниот број невакцинирани надвор од Скопје е 23 проценти. Процентот на вакцинација со морбили во државава беше 82, 83 проценти, што е сериозно малку и укажува дека колективниот имунитет е сериозно опаднат.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во овој момент во државава вкупниот број заболени од морбили изнесува 1.060, се уште има добра динамика на вакцинирање на невакцинираните деца и околу 73 проценти од невакцинираните деца во Скопје се вакцинирани.
– Се надевам дека сите ќе се придржуваат кон мерките кои ги воведовме како резултат на прогласување на епидемијата на ниво на целата територија, затоа што секој кој не е вакциниран, кој е нецелосно вакциниран или има непознат вакцнален статус, во присуство на вирусот значи дека има исклучително висок ризик да заболи од морбили, нагласи Филипче на одбележувањето на Европската недела на имунизација во Зоолошката градина во Скопје, на кое присуствуваа деца од градинките во општина Центар.
Министерот посочи дека во текот на изминатата година вложиле многу средства за модернизирање на календарот за имунизација, вовеле две нови вакцини – пневмококна и за рота вирус, а од 1 јуни новиот календар за имунизација ќе излезе во Службен весник, кој, според него, е најмодерниот во регионов, а тоа е поздравено од СЗО.
– Дополнително на новите вакцини се осовременија некои стари вакцини, се воведоа нови типови вакцини кои се ацелуларни и кои создаваат помалку реакции за време на вакцинирањето. За жал во овој период се соочуваме со епидемија, додаде Филипче.
Тој им упати неколку препораки на присутните деца.
– За да бидете здрави и да не се разболувате многу е битно да јадете здрава храна и да правите физички вежби, но освен тоа многу е битно да се вакцинирате. Тоа се многу мали инјекции, вакцини од кои нема многу болка и штитат од многу болести, рече Филипче.
По обраќањето на министерот, настапија ученици од Музичкото училиште „Боро Џони” од Струмица.