Во однос на Договорот од Преспа, што е одличен, имаме две опции или ќе продолжиме да се бориме против или ќе го искористиме за да имаме најдобар можен резултат, вели министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис во интервју за грчката телевизија “Open”, истакнувајќи дека тој ја поддржува втората опција, јави дописничката на МИА од Атина.
Прашан за темите поврзани со јазикот и националноста, кои предизвикаа реакции во Грција, Апостолакис вели дека “тие проблеми се помали од оние што се решаваат” со договорот и додава дека “постојат начини за понатаму да не се создадат проблеми”.
-Сметам дека сите ние треба да земем предвид: овој договор е склучен. Имаме две опции. Или да продолжиме да се бориме против и да го труеме народот со различни такви загрижувања или да го искористиме и да имаме најдобар можен резултат. Моето мислење е втората опција, истакнува министерот за одбрана на Грција.
Евангелос Апостолакис додава дека Договорот од Преспа е “модел што треба сериозно да се земем предвид” со одличен резултат.
-(Одличен е) Затоа што се решаваат низа проблеми и се отвораат низа перспективи. Најпрво во прашањата за одбранбена соработка во кои јас сум инволовиран. Од таму каде што имаше загриженост од една соседна земја, сега имаме одлична сорабока, перспектива да им помогнеме, да направиме било какви активности за да се подготват за нивна интеграција во НАТО. Ги отвораме нашите школи за нивна академска едукација, почнува да постои доверба меѓу луѓето од двете земји и истото се случува и во економијата, вели Апостолакис во интервјуто за ТВ “Open”, пренесе МИА.
Во однос на тоа дали Договорот од Преспа може да функционира и во грчко – турските односи, Министерот за одбрана вели дека “било што што е ефективно, може да се искористи како модел”