Однесувањето Германија е многу чудно во однос на НАТО и агресивната политика на Москва, смета поранешниот главен стратег на Пентагон, Елбриџ Колби.
Колби, кој сега е директор на одбранбената програма на Центарот за нова американска безбедност во Вашингтон, во интервју за германскиот неделник „Фокус” вели дека главната закана за НАТО во моментов е Русија.
– Силната на воен план Германија би можела многу посигурно да ги задржува руските (агресивни обиди), изјави тој.
Колби истакнува дека однесувањето на Берлин е „речиси цинично”, бидејќи Германија од НАТО добила најмногу од сите, а сега одбива да ги зголеми трошоците за безбедност во рамките на Алијансата.
Тој смета дека како најбогата европска земја, Германија треба да троши повеќе за одбраната, како за себе, така и за сојузниците. Според него, германските Вооружени сили сега се „само бледа слика на она што беа на крајот на Студената војна”.
– Притоа, Германија треба да се вклучи поактивно во решавање на клучните проблеми на НАТО и треба да прави само мал дел од тоа што го правеше во 1988 година, вели Колби.
Според него, главните проблеми со кои НАТО се соочува се на неговото источно крило, посебно во балтичките земји и Украина. – Русија тука има значајна стратешка предност и проактивната вклученост на Германија би можела да биде клучна во конфронтацијата со Москва, оценува Колби.
„Фокус” наведува една неодамнешна анализа од американскиот тинк-тенк „Ранд Корпорејшн”, во која се вели дека Русите можат да ги окупираат бреговите на Естонија, Латвија и Литванија за три деноноќија, што е многу побрзо отколку што би можеле да се распоредат силите на НАТО.
– Германија би можела многу поуверено да помага во запирањето на Русите, изјави Колби.
Притоа, поранешниот чиновник на Пентагон вели дека САД истовремено се вовлечени во два конфликта – со Русија и со Кина и затоа Европа во целина треба да прави многу повеќе за помош во случај на „руска агресија”. Тој предупредува дека во случај на конфликт со Москва, Германија и НАТО сојузниците на САД во Европа најверојатно ќе треба да покажат отпор кон Русија без американска помош.
Германскиот пратеник во Бундестагот, Биџан Џир Сарај неодамна изјави дека ниските трошоци за одбрана на земјата ја правата Германија „закана за НАТО”.
САД претходно го повикаа Берлин да ги зголеми трошоците за одбрана и да ги исполни обврските кон Северноатлантската алијанса.
На почетокот на месецов кога во Вашингтон се одбележуваше 70-годишнината од основањето на Алијансата, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави дека Германија стои зад своите обврски.