На претстојните избори граѓаните нема да гласаат за имиња, кариери, туку за политички концепти што стојат зад тие луѓе. Не станува збор дали Стево Пендаровски ќе биде претседател, туку дали Македонија ќе продолжи во истата насока, во прогрес кон Европа кон нормалниот и развиениот свет. Тоа вечерва на завршниот предизборен митинг на коалицијата предводена од СДСМ пред граѓаните на Охрид го нагласи токму преседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
– Ако некој мисли дека гласа за Гордана Силјановска затоа што е нов политичар со нова визја и дека ќе завртиме нова страница во нашиот развој, се лаже. Во суштина, ќе гласа за трет мандат на Ѓорге Иванов, името е различно, полот е различен, политиките се стопроцентно исти, истакна Пендаровски.
Пендаровски пред охриѓани потсети на постигнатото за овој двегодишен мандат на владеењето на СДСМ, дека после 14 години кандидатски статус, државата ќе добие датум за преговори за членство во ЕУ.
– Минатата година оваа генерација македонски политичари успеа да ја донесе Република Северна Македонија пред портите на Европа. Минатата година заради крупните политички одлуки кои ги донесовме што се без преседан во нашата историја како независна земја, добивме покана за најголемиот воено-политички сојуз, Македонија е пред портите на НАТО затоа што направи чекори какви 30 години претходни ниту една генерација политичари не ги направи, особено режимот на фамилијата на која и беше најбитно крупните проблеми да ги става под тепих, да го кара народот додека ги брои провизиите и тендерите, рече Пендаровски.
Зборувајќи за принципите врз кои ги заснова политиката актуелната Влада, претседателскиот кандидат Пендаровски го посочи мошне кусиот временски период во кој е направен историски исчекор кон евро-атлантските интеграции.
– Најголемите проблеми во оваа држава која речиси 30 години беше во транзицискиот тунел, се во социјалната сфера, а тоа е иселувањето на младите. Но, чекорите што ги прави оваа власт, а јас сум дел од нив, одат во насока на драстично редуцирање на иселувањето. Оваа Влада прави се, а економските индикатори тоа го покажуваат, дека постепено стандардот се крева, невработеноста е на историски најниско ниво…Се укажува дека следните години ќе бидат развојни, но тоа не можеме да го постигнеме доколку на изборите не дадеме поддршка на досега направеното, рече Пендаровски притоа забележувајќи и на опозицијата и на нејзиниот претседателски кандидат што зборуваат за некаков план, без притоа да ја посочат неговата содржина.
Според Пендаровски, премногу е голем ризикот в недела да се стави на коцка најголемиот напредокот во државата остварен во изминатите три децении.
– Да дадеме ветар во грб на овој концепт што сигурно ја носи земјата во развиениот свет. Тој пат е долг, никој не ветува преку ноќ успеси, рече Пендаровски.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев пред охриѓани истакна дека Република Северна Македонија е земја признаена од целиот свет, во која живеат Македонци, кои зборуваат македонски, тоа е она за што се бореле нашите прадедовци.
– И не само тоа, отворивме прозорци и врати за иднината, одиме напред, кон НАТО, кон Европа, кон повисок стандард, кон подобар живот дома во нашата земја, горди, достоинствени граѓани кои градат пријателство со целиот свет. Република Северна Македонија ќе биде европска држава, со европски животен стандард како што и доликува на земјата предводник на позитивните промени на која што цела Европа и целиот свет и аплаудира, рече Заев, повикувајќи ги преку својот глас за претседателскиот кандидат Пендаровски да го вклучат во водството на државата, за добро на сите граѓани што живеат тука.
Според него, евроатлантската опција е единствената што гарантира стабилност и безбедност дома, во регионот, економски развој.
Заев од охриѓани побара в недела да застанат зад кандидатурата на Константин Георгиески за градоначалник, зад концептот што го избраа на минатите локални избори кога за градоначалник го избраа ненедејно починатиот Јован Стојаноски, човекот кој понуди визија за европски, напреден Охрид.
Кандидатот за градоначалник Георгиески од своја страна вети нов развоен циклус во градот, отпочнат со историскиот процес за раздолжување на општината, во рамки на кој преку поддршката од Владата долгот на Охрид е намален за 15,4 милиони евра, најавувајќи дека преостанатиот долг ќе се намалува со сопствени средства.
– Со тоа Општина Охрид ќе стане финансиски стабилна и ќе има поголеми можности за користење на средства од европските и меѓународните фондиви, рече тој притоа најавувајќи реализација на предвидените и интензивирање на бројни инфраструктурни проекти за подобрување на севкупниот живот на граѓаните на Охрид.
Извор: Вечер.мк