Четириесет и три стари, болни и изнемоштени лица на 26 избирачки места во Преспа денеска го остваруваат правото на глас на седмите претседателски избори, што ќе се одржат утре.
Претседателот на Општинската изборна комисија Кирил Тански за МИА информира дека се е подготвено за претстојните претседателки избори и оти 16.649 жители на Преспа ќе имаат можност да гласаат на 50 избирачки места.
– Во моментот вршиме примопредавање на материјалот. Засега нема никакви проблеми, се надевам на мирен изборен ден и утре. Подготвени сме и сите избирачки места ќе бидат отворени во 7 часот, изјави Тански.
Вкупно 42 стари, болни и изнемоштени лица и 20 затвореници денеска ќе го остварат правото на глас во општина Струга на шестите претседателски избори што ќе се одржат утре.
Во општина Струга право на глас имаат 60.459 лица на 101 избирачко место.
Претседателот на Општинската изборна комисија Бледар Зиба за МИА потврди дека сите избирачки места се подготвени и во тек е делењето на избирачкиот материјал.
– Во тек е процесот на делење на избирачкиот материјал. Во Струга веќе е поделен, сега се носи по селата, изјави Зиба.
Според него, од 22 пријавени затвореници во Струшкиот затвор 20 лица веќе го оствариле своето право да гласаат за еден од претседателските кандидати.
Во Вевчани нема ниту едно пријавено лице кое има потреба правото на глас да го изрази денеска во домашни услови. Претседателката на Општинската изборна комисија Параскева Кукоска информира дека избирачкиот материјал во трите изборни единици ќе биде поделен попладнево.