Прерано е да даваме оценки за изборниот ден. Ние набљудуваме дали изборите се организирани според меѓународните демократски стандарди. За нас не се важни резултатите, туку изборните процедури. Затоа сме тука да го набљудуваме изборниот процес.
Ова денеска го изјави шефицата на Меѓународната мисија за набљудување на изборите ОБСЕ/ОДИХР Корин Јонкер, пред основото училиштето „Браќа Рамиз-Хамид” во Шуто Оризари.
Истакна дека изборите ги следат 250 набљудувачи кои се распоредени низ целата земја, кои ги вклучуваат долгорочните набљудувачи кои се тука веќе пет недели, на кои денеска им се придружија и краткорочните набљудувачи.
– За нас не е важно да дадеме оценка за текот на набљудувањето на неколку избирачки места, туку чекаме резултати од сите избирачки места, и потоа ќе излеземе со севкупна оценка, рече Јонкер, додавајќи дека набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР почнаа рано наутро и го проследија отворањето на избирачките места, и ќе бидат таму се до вечер, до нивното затворање.
Набљудувачите, како што посочи Јонкер, ќе останат и по затворањето на избирачките места, со цел да ги набљудуваат постизборните случувања, а ќе бидат тука и за вториот изборен круг.
– За време на нашиот петнеделен престој тука, ги набљудувавме сите процеси околу кандидатите, нивната регистрација, покривањето од страна на медиумите, дали тоа беше независно, односно непристрасно, и други аспекти од изборната кампања, додаде Јонкер.
По гласањето, како што истакна, набљудуваме кој поднел жалба во врска со изборниот процес, како и процесот по жалбата.
Јонкер додаде дека утре на прес-конференција ќе излезат со повеќе детали за нивните наоди за изборниот процес.