Најголем дел од финансиските друштва издаваат потрошувачки кредити, лани изречени глоби во вкупен износ од 16.000 евра

Кеш кредити од две илјади до над 100 илјади денари, онлајн аплицирање, одобрување за неколку минути и уште истиот ден пари на рака, се дел од услугите што ги нудат финансиските друштва. 

Се нудат брзи кеш кредити, наменски кредити, кредити за рефинансирање, кредити за пензионери. Аплицирањето е со минимум документи, најчесто со лична карта, без жиранти и без докажување на приходи. 

Отплатата на кредитот е на повеќе рати кои може да се плаќаат директно во филијалите на овие финансиски друштва или преку комерцијалните банки. Дел од нив дури нудат можност и за одложување на рокот за отплата од неколку дена до еден месец. 

Граѓаните најчесто ги користат ваквите брзи кредити кога итно им се потребни пари за да покријат одредени трошоци. Кај дел од овие финансиски друштва може да се најдат и податоци кои покажуваат дека е бројот на одобрени апликации надминува над 200 илјади. 

Дозволите за основање и работа на овие финансиски друштва ги издава Министерството за финансии. Според податоците што се објавени во Предлог-измените на постојното законско решение, заклучно до 1 ноември 2022 година на финансискиот пазар активно работеле 33 финансиски друштва. Најголем дел од нив одобрувале потрошувачки кредити на физички лица. 

Лани изречени 13 глоби за овие друштва во вкупен износ од 16.000 евра

Контролите извршени кај овие друштва покажуваат дека кај повеќе од половина од нив се констатирани неправилности. Од Министерството за финансии во изјава за МИА посочуваат дека во текот на минатата година извршени се теренски надзори кај 16 финансиски друштва при што кај 10 од нив се констатирани неправилности. Осум од финансиските друштва кај кои се констатирани неправилности треба да платат глоба во вкупен износ од 16.000 евра.

– Кај две финансиски друштва се изречени мерки-наредби за отстранување на неправилностите, а кај осум друштва кај кои се констатирани неправилности изречени се вкупно 13 глоби во вкупен износ од 16.000 евра и истовремено се изречени 20 мерки – наредби за отстранување на неправилностите, наведуваат од Министерството за финансии.

Глобите, како што посочуваат од Министерството за финансии, се изречени согласно Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.

Измени на Законот за финансиски друштва во насока на поголема заштита на граѓаните

Од Министерството за финансии нагласуваат дека се направени измени на Законот за финансиски друштва со цел поголема заштита на граѓаните кои ги користат услугите на овие финансиски друштва и зголемување на довербата во овие друштва.

– Основната цел на измените е финансиските друштва да претставуваат финансиски институции кои нудат алтернатива на банкарското работење, а не само друштва кои нудат краткорочни кредити на населението преку зајакување на регулаторната рамка, за работење на финансиските друштва, зголемување на заштитата на граѓаните-корисници на кредит,  уредување на финансиска активност-факторинг и доуредување на вршењето надзор над финансиските друштва, се наведува во Предлог-законското решение доставено до Собранието.

Измените беа усвоени на владина седница во декември лани, но се уште се во собраниска процедура. Според веб страницата на Собранието, Предлог-законот е доставен на 27 јануари и е во редовна постапка. 

Со нив се укинува можноста за земање кредит за затворање на претходно доспеан кредит во истото финансиско друштво. Финансиското друштво нема да може да склучува договор за потрошувачки кредит ако трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60 проценти од износот на одобрениот кредит.

Се утврдува максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот и адоместоците се однесуваат на сите трошоци кои потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, а кои произлегуваат или на било каков начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги.

Со измените се укинува и можноста трговските друштва кои поседуваат дозвола или лиценца согласно Законот за игри на среќа и за забавни игри да можат да бидат кредитни посрединици на финансиското друштво односно да нудат кредитни производи.

Се зајакнува и надзорот врз работењето на финансиските друштва, по примерот на останатите регулатори (како на пример Народната банка и Комисијата за хартии од вредност), а за што ќе биде пропишан и донесен посебен правилник.

За непочитување на законските одредби предвидени се глоби во износ од 8.000 до 10.000 евра. 

Треба да знаете
Последни објави