Албанската влада одлучи дека Албанците од Северна Македонија и од Црна Гора можат да работат во Албанија без дозвола за работа.
Таа одлука беше донесена од владата на Еди Рама на седницата одржана на 10 мај, според подгорички „Вијести“.
„Албанците од Северна Македонија и од Црна Гора уживаат право на вработување како и албанските државјани, освен кога вработувањето конкретно се однесува на албанско државјанство, во согласност со важечките закони”, се наведува во одлуката на албанската влада.
Истата одлука претходно ја донесе албанската влада за Албанците од Косово и од југот на централна Србија.
Албанскиот министер за надворешни работи, Гент Чакај, на „Фејсбук“ објави дека со тоа се создаваат услови за влез на албанскиот пазар на етничките сонародници од регионот.
„Иако тоа може да изгледа како потег без непосредно влијание или потполно симболичка иницијатива, ова е неопходен чекор кон зголемување на врските на Албанија со Албанците во соседните земји без какви било разлики”, рече Чакај.