Пратениците на израелскиот парламент (Кнесет) денеска го поништија законот за евакуација на четири еврејски населби на окупираниот Западен Брег од 2005 година, кога израелската армија се повлече, а еврејските доселеници беа евакуирани од другата палестинска територија на Појасот Газа.
Тоа е последниот потег на екстремно десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху, во која доминираат водачите на еврејските доселеници и нивните сојузници и го промовира проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Со поништувањето на законот, еврејските доселеници би можеле да се вратат во напуштените области на Западниот Брег и дополнително да ја продлабочат кризата што се појави откако новата влада го објави контроверзниот план за судски реформи во јануари и во услови на најлошите судири меѓу двете нации во последните години.
Меѓународната заедница, вклучително и најблискиот сојузник на Израел, САД, ги смета еврејските населби за нелегални и се противи на изградбата на окупираните територии, за кои Палестинците тврдат и имаат намера таму да основаат независна држава.
Израел евакуираше четири еврејски населби на Западниот Брег и еднострано се повлече од Газа според законот од 2005 година.