Досегашниот прв човек, Петар Наумоски, воопшто не влезе во трка по нов мандат, додека доцна синоќа од изборната трка се повлече спортскиот директор Владимир Темелковски. Поради тоа, изборот на Антиќ мина неочекувано лесно и без никакви процедурални противења на какви што бевме навикнати во последно време. На Собранието право на глас имаа 26 клубови, здруженија и асоцијации, со тоа што спорни беа полномоштвата на судиите и делегатите односно на „баскеташите“ бидејќи, според Верификациската комисија тие не се валидни.
Антиќ, кој беше предложен од 15 членки, а поддржан од речиси сите, ќе биде деветтиот претседател на Куќата на кошарката, по Благоја Самакоски (1992-1993), Зоре Темелковски (1993-1997), Јордан Камчев (1997-1999), Горан Рафајловски (1999-2001), Леонид Гајдаџиев (2001-2004), Драгољуб Арсовски (2004-2005), Даниел Димевски (2005-2015) и Петар Наумоски (2015-2019).