Основниот кривичен суд Скопје на 30 март ќе ја објави пресудата за второобвинетиот во случајот „Империја“ Зоранчо Митровски, којшто призна вина за делата „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“.
Обвинителката Лиле Стефанова, во завршен збор рече дека самото признание на вина е исклучително олеснителна околност и дека со тоа значително придонел за економичноста на постапката, додека како отежнителни околности, се начинот и мотивот на извршување на делото.
– Сметам дека покрај кривична санкција, Судот треба да одлучи и да ја конфискува имотната корист од 92 милиони денари, изјави Стефанова.
Бранителот на Зоранчо Митровски, во завршен збор, рече дека по однос на казната Судот да го цени признанието на вина, како и дека обвинетиот изразил подготвеност да го намири отштетното побарување, дека е татко на две полнолетни деца и стопанственик на фирми кои вработуваат повеќе фамилии.
– Се каам за стореното. Казната ја чувствувам многу силно. Целта на казната е постигната со самото признание на вина и што се повлекувам од сите деловни ангажмани, изјави Митровски пред Судот.
Претставникот на оштетеното правно лице АД Бетон Штип, посочи дека веќе е изјавено отштетно побарување но во вкупен износ, преднајавува отштетно побарување во висина од 92 250 000 денари со камата спрема обвинетиот.
Претходно денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи постапката против прво и третообвинетиот за случајот „Империја“ Цветан Панделески и Јованчо Тасковски.
Одбраната на обвинетиот Цветан Панделески во воведен говор, пред Судот, рече дека ќе докаже дека обвинението по однос на Панделески е класичен пример на недозволена правна конструкција. Неговата одбрана, пред Судот рече дека ќе докаже дека Панделески не сторил ниту едно од делата што му се ставаат на товар и дека делата опишани во Обвинителниот акт не се кривични дела.
-Целиот обвинителен акт има три нелогични и проблематични точки. Прво, рокот од 18 месеци за спроведување на истрага на СЈО е прекршен со овој обвинителен акт. Тој рок е обврзувачки со одлуката на Врховен суд од 30.01.2019 каде јасно е наведено дека преземањето предмети на ОЈО од СЈО се однесуваат само на оние за кои СЈО бил овластен тужител, а овој случај е надвор од тој рок. Втор проблематичен факт е дека нема поднесено обвинение согласно член 303 од ЗКП. Членот пропишува дека во рок од 30 дена од завршената постапка треба да се поднесе обвинителен акт. За Цветан Панделески добиена е информација дека е завршена истражна постапка на 26.04.2022, а обвинението е поднесено 8 месеци подоцна. Трето е дека е прекршен уште еднаш ЗКП каде се предвидува дека за дела од организиран криминал максималната истражна постапка треба да се спроведе во рок од 21 месец од наредбата за истрага. За Цветан Панделески започната е истрага на 08.11.2018. По закон таа постапка истекла на 08.08.2020. Односно обвинение требало да има до тој датум, а не истото да се поднесе дури година и половина по овој рок. Доколку се прочита обвинението и самиот диспозитив за однос на Злоупотреба на службена положба и овластување нема ниту еден опис за противправно дејствие на Панделески. Односно Панделески се обвинува како неизвршен член на Одбор на директори за одлука донесена од сосем друг орган – Собрание на акционери каде ниту учествувал ниту гласал. За наводното обвинение за измама во диспозитивот, исто така нема противправно дејствие на Панделески. Таму има се за сите други лица, но не за Панделески. Во огромното образложение Панделески се споменува само еднаш дека со негови средствата се купувале акции во Фершпед. Поставуваме прашање – Од кога купувањето акции е кривично дело во Македонија?, рекоа адвокатите.
Според одбраната, згора на тоа, ЈО на добивањето средства од продажбата и исплата на дивиденда ги квалификувале како кривично дело.
-Станува збор за редовно финансиско работење, односно трансакции извршени легално преку сметки преку платен промет и нема ништо незаконско. Поради тоа за нас како адвокатски тим ова е класичен пример за недозволена правна конструкција, рекоа адвокатите.
Трето обвинетиот Јованчо Тасковски, пред Судот рече дека го разбира обвинението и дека не се чувствува виновен.
Во завршен збор, адвокатот на Тасковски, рече дека одбраната ќе докаже дека еден единствена сторител е “оштетената” Кираца Трајковска и н.н. лица за кои воопшто нема истрага.
– Ќе докажеме дека не постои намера и договор меѓу обвинетите, бидејќи двајцата не се познавале. Никој не спомнува ниту еден усмен договор или разговор меѓу двајцата, изјави неговиот бранител.
Претставникот на АД Бетон Штип, пред најави отштетно побарување од прво обвинетиот Панделески во висина од 92 250 000 денари, додека кон Тасковски нема отштетно побарување.
Адвокатот на оштетената Кираца Трајковска, пред најави отштетно побарување во висина од 96 324 042 денари, додека правното лице Естела ДООЕЛ бара 11 508 858 денари.
Главната расправа за случајот против Панделески и Тасковски продолжува на 19 април.
Судскиот случај почна против обвинетите Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.