Еден ден по нападот врз полскиот амбасадор Марек Магиеровски на улица во Тел Авив, од Варшава дојде најостра осуда, а израелски официјални лица изразија шок и покренаа истрага.
– Полска остро го осудува овој ксенофобичен чин на агресија. Насилство врз дипломатите и другите граѓани не смее да се толерира, изјави полскиот премиер Матеуш Моравиецки.
Поради нападот врз амбасадорот, Министерството за надворешни работи на Полска ја повика денеска на разговор израелската амбасадорка во Варшава Ана Азари.
Од друга страна, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Израел, Емануел Нахшон рече дека нападот се истражува.
– Тоа е највисок приоритет за нас, бидејќи ние сме целосно посветени на безбедноста и сигурноста на дипломатите, рече Нахшон.
Инцидентот се случи во ек на зголемување на тензиите меѓу Полска и Израел за различното толкување на холокаустот и барањата од Полска да плати отштета за поранешниот еврејски имотот конфискуван од страна на нацистичка Германија, а подоцна национализиран од полскиот комунистичкиот режим.