Герасимовски: ТД „Енергија Центар“ од вчера регистрирано во Централниот регистар

Општина Центар вчера во Централниот регистар го регистрираше трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори „Енергија Центар“ и со тоа општината и официјално го доби второто општинско јавно претпријатие. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски му се заблагодари и на помошник директорот за финансии на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Вангел Андрески кој ќе раководи со претпријатието една година без никаков финансиски надоместок.

„Навистина сум горд што Општина Центар го носи духот на иновациите и примената на најефикасните технологии и што на моја иницијатива ја основа „Енергија Центар“, претпријатие  кое ќе носи голем бенефит за многу генерации по нас. Со реализацијата на овој проект, општината ќе биде електро-енергетски независна и самоодржлива и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали. Додека заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе ги искористиме за нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти кои ќе им бидат од корист на граѓаните. Претпријатието ќе биде сместено во зградата на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, му се заблагодарувам на помошник директорот за финансии, Вангел Андрески што ни ги отстапи просториите со цел да не плаќаме кирија, но искрено благодарност му изразувам поради тоа што ќе го раководи претпријатието без финансиски бенефит цела година. Ова е потег преку кој се гледа силната желба да отпочнеме со работа за бенефит на сите во Центар“, рече Герасимовски при формирање на трговското друштво.

Формирањето на трговското друштво „Енергија Центар“ овозможува олеснување на процедурата за инсталирање на поголеми фотоволтаични системи на јавните објекти како основни училишта, детски градинки, урбани заедници и други објекти кои се под надлежност на општината.

Општина Центар преку „Енергија Центар“ може да инсталира централи со вкупна максимална инсталирана моќност од 2,44 мегавата, вкупната инвестиција за инсталирање би изнесувала околу 1.755.000 евра со поврат на инвестиција за околу 4,5 години.

Општина Центар преку формирањето на ова претпријатие го презема првиот чекор кон енергетска независност и се промовира како првата енергетски независна општина во Република Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави