Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. организираше форум во врска со дивоградбите, на којшто беа разгледани прашања поврзани со законската рамка за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти, нивна легализација, како и предизвиците и можните решенија во завршување на процесот на легализација во Општина Кисела Вода.
– Со овој проект ние ги следиме предизборните ветувања на политичарите и утврдуваме дали тие си ги исполниле ветувањата или како што често се случува, не си останале на зборот и повторно се враќаме 10 чекори назад. Овој проект се однесува исклучиво на ветувањето дадено на градоначалникот на Кисела Вода во предизборието за завршување на историскиот т.н. процес, тоа се негови зборови, за легализација на дивоградбите, рече во изјава за МИА, директорка на Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н., Драгана Велковска.
Таа појасни дека во рамки на проектот спроведено е анкетирање на граѓаните реализиран на неколку начини за да се привлече и нивното внимание кон проблематиката, а исто така поднесено е барање до Општина Кисела Вода за пристап до информации од јавен карактер од каде што се барани податоци за бројката на дивоградбите што се легализирани, за колку од нив им е наплатено на граѓаните и колку финансиски импликации имало тоа по општината.
– Можам да кажам дека над 90 отсто од граѓаните кои беа анкетирани се против постоењето на Закон за легализација на дивоградби и исклучително висок процент од нив имаат голема недоверба во институциите дека можат да се справат со овој проблем, посочи Велковска
Таа информираше дека почнале и со подготовка на електронска мапа на целиот град, каде што до сега имаат мапирано само една четвртина од Општина Центар.
– Целта ни е оваа мапа да ја направиме на цело Скопје, за да можат луѓето многу лесно, кога ќе кликнат на мапата, да видат дали живеат во четврт или населба каде што животот е квалитетен или живеат во населба каде што има дивоградби, каде што воопшто нема јавни функции од типот на соодветен број на училишта, градинки, пазарче, болница итн, истакна Велковска.
Форумот беше организиран во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи.