По неколкумесечни шпекулации и исчекување, хрватскиот рок бенд „Парни ваљак“ ја објави новата авторска песна и порача: продолжуваме понатаму.
Моја глава, моја правила е насловот на новиот сингл, на кој како нов вокал дебитира Игор Дрвенкар.
Тој ќе има неблагодарна задача да го замени легендарниот Аки Рахимовски, кој беше еден од основачите на „Парни ваљак“ во 1975 и остана во бендот сè до ненадејната смрт во јануари минатата година.
„Ги надминавме дилемите, продолжуваме понатаму, бидејќи без свирење немаме цел. Аки секогаш ќе биде присутен во нашиот дух, а во Игор препознавме одличен човек со кој тргнуваме во нова авантура“, порачуваат членовите на бендот.
Музиката и текстот за новиот сингл ги напиша Хусеин Хасанефендиќ Хус. Песната е напишана пред неколку месеци, кога членовите на бендот одлучија Игор да биде наследник на Аки Рахимовски.
Видеоспотот е дело на загрепскиот фотограф и режисер Динко Чвориќ – Доринг, покрај тим кој ги вклучува Давор Батисвајлер (дополнителна камера), Марија Цвитановиќ (стајлинг) и Ивана Шимуниќ (шминка).