Ново зеленило и реконструкција на плочникот кај Зеленото пазарче најави градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во утринското гостување на МРТВ. Тој во линковско вклучување од Зелениот пазар рече дека општината изработува проект за разубавување со нови зелени површини на места каде сеуште повремено стојат дивите препродавачи и заменување на искршените плочки на дотраениот плочник.
„Во моментов едната површина е ископана и се спремаме да ја зазелениме планирано е во текот на викендот да се продолжи на другите зелени површини. Дополнително како општина направивме и проект за урбанизирање на цел овој појас во делот на зеленилото еве и еден плочник кој со години не е реконструиран и тоа е ставено во програмата, набрзо истиот ќе биде реконструиран од страна на општината и разубавен овој дел од Општина Центар. Едно од предизборните ветувања беше токму тоа да се стави ред и се среди овој плочник. Под истиот се наоѓа и паркингот така што убаво ќе се санира и не прокапува во делот на паркингот. Се планира ново зеленило, отстранување на дрвото кое со години седи исечено и планираме да ставиме огради за да го заштитиме целиот појас и да не се повторува во истиот да имаме диви продавачи. Се прави цел проект за разубавување на целиот појас почнувајќи од Зелениот пазар завршувајќи до кулите што се во соседната близина“, изјави Герасимовски.
Тој исто рече дека по засилените инспекциски контроли јавната хигиена на потегот околу зеленото пазарче е подигната на повисоко ниво но потребно е континуирана работа.
„Имаме многубројни поплаки од страна на станарите, граѓаните за тоа што се случува на зелениот пазар. Подигната е како што гледаме изминативе неколку месеци хигиената на повисоко ниво. Нашите хигиеничари се секојдневно на терен и се обидуваме да воспоставиме и воспоставуваме ред во делот на дивите препродавачи. Не е толку голем проблем продавањето на цвеќиња и зеленчуци од страна и надвор од пазарот поголем проблем е узурпирање на зелените површини и продавање на се и сешто дополнително и во парковите“, изјави Герасимовски.
За решавање на проблемите и потребите на граѓаните со живеалиште околу овој појас Герасимовски рече дека засилените инспекторски контроли продолжуваат и во следниот период. Тој потенцираше дека засилените надзори резултирале со 30% повеќе казнени прекршоци но и видливи резултати.