Од Зимбабве, земја во која многумина мораат да работат ноќе бидејќи тоа е единственото време кога има струја, до Нигерија каде што често се случуваат дефекти на електричните мрежи, сигурното напојување со електрична енергија станува реткост на африканскиот континент.
Недостигот на електрична енергија што погодува 54 африкански земји претставува сериозен хендикеп за економскиот раст на континентот, предупредуваат енергетските експерти, пренесуваат американски медиуми.
Во последниве години, производството на електрична енергија во Јужна Африка стана толку несоодветно што дури и најразвиената економија на континентот има дневни прекини на струја од осум до 10 часа.
Според податоците на Меѓународната агенција за енергија за 2021 година, 43 отсто од Африканците, околу 600 милиони луѓе, немале пристап до електрична енергија, вклучително и 590 милиони во субсахарска Африка.
Според проценките на Светска банка, потребни се инвестиции од речиси 20 милијарди долари годишно за да се обезбеди уедначена електрификација низ субсахарска Африка.
Од ова, потребно е да се издвојат речиси 10 милијарди долари годишно за носење електрична енергија и одржување на мрежата во Западна и Централна Африка.