Министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Ољта Џачка утре ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, при што ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Како што информираат од МНР, теми на разговор на средбата меѓу министрите Османи и Џачка се очекува да бидат посветеноста на двете земји за одржување на високото ниво на билатералната соработка, пристапниот процес за членство на двете држави во ЕУ, соработката во рамките на НАТО и регионалната динамика, со посебен осврт на неодамна постигнатиот договор меѓу Косово и Србија.
Покрај средбата со нејзиниот хомолог, предвидено е Џачка да оствари средби и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.