Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, денеска, се сретна со делегација на Националниот демократски институт (НДИ) од Вашингтон (САД), предводена од претседателот на Институтот, Дерек Мичел. На средбата беше позитивно оценета соработката и поддршката која ја дава Националниот демократски институт и беше истакнато дека Северна Македонија спроведувајќи ги сложените реформи клучни за демократијата и транспарентност на институциите бележи напредок и претставува пример во регионот.
Премиерот Заев, се заблагодари за долгогодишната поддршка која ја дава Националниот демократски институт, потенцирајќи дека таа е од голема помош за зајакнување на демократските процеси во земјата и е голем поттик дека земјата се движи во вистински правец, обезбедувајќи бенефити и просперитет за сите граѓани.
„Ние одржуваме политички дијалог со опозицијата, кој е важен за продолжување на реформите и за стабилноста на земјата, што е позитивен сигнал за инвеститорите. Ја обновивме демократијата и сме посветени на нејзиното подобрување. Главниот стимул, сила и капацитет за сложените реформи, како што се владеењето на правото, судството, антикорупцијата и реформите на јавната администрација доаѓаат од перспективите, кои се и наша цел, а тоа е членството во НАТО и Европската Унија“, рече премиерот Заев потенцирајќи ги очекувањата за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ ова лето.
Претставниците на НДИ, изразија задоволство од напредокот и соработката на јавните институции, како и проектите кои се однесуваат за подобрување на работата на Собранието и негово доближување до граѓаните. Беа истакнати иницијативите и соработката во насока на унапредување на вклучувањето на жените во што повеќе активности и раководства, истражувањата на јавното мислење и други граѓански и политички права.