Вкупно 23 членови на владите на поранешниот француски претседател Франсоа Митеран, меѓу кои Ибер Ведрин, Пол Килес, Ролан Дима, Елизабет Гигу и Жак Ланг, побараа извинување од носителот на листата на Социјалистичката партија за европските избори, Рафаел Глуксман, поради неговото обвинување дека Митеран е „соучесник во геноцид во Руанда во 1994 година”, јави дописникот на МИА.
Ваквиот барање доаѓа во пресрет на вечерашниот митинг на социјалистите во Руан-Нормандија, во услови кога тие уживаат околу пет отсто на гласачите за евроизборите. Ако рејтингот на социјалистите падне под пет отсто, тие нема да имаат ниту еден европратеник, што не се случило досега. Никогаш во историјата на Социјалистичката партија таа не освоила помалку од 13 отсто на едни европски избори.
„Митеранистите”, кои речиси сите се во политичка пензија, се навредени од тоа што Глуксман тврди дека социјалистот Митеран е „виновен за соучество во геноцид во Руанда”, каде од април до јули 1994 година во граѓанската војна меѓу припадници на племињата Хути и Тутси загинаа околу 800.000 лица.
Поради ова, 23-цата поранешни социјалистички министри упатија писмо до лидерот на Социјалистичката партија, Оливие Фор, барајќи извинување од него и од носителот на кандидатската листа на социјалистите.
Меѓу потписниците на писмото е и Бернар Казенев, кој беше известувач на Мисијата за утврдување на фактите за геноцидот во Руанда од 1998 година.
– Тоа е повеќе од политичка грешка. Тоа е „плукање на гробот” на Франсоа Митеран, стои во писмото на поранешните социјалистички министри до Фор.
Писмото претставува реакција на изјавата на Глуксман во едно интервју, при што тој оцени дека геноцидот во Руанда е „најголемиот скандал на Петтата република”. – Франција вооружи, финансиски и политички поддржа геноцид, изјави Глуксман. На прашање на новинарот, дали Франсоа Митеран има дел од одговорноста за тоа, Глуксман одговори: „Се разбира, тој беше претседател”.
Пол Килес, кој пет пати беше министер во владите на Митеран и автор на извештајот од 17.000 страници за трагедијата во Руанда, е гневен поради изјавата на Глуксман. Според него, тоа што човекот кој ја предводи кампањата на Социјалистичката партија го смета „победникот од 1981 година” за соучесник на геноцидот во Руанда, претставува сквернавење.
Новиот шеф на Социјалистичката партија, без да одговори или заземе позиција, побара од Емануел Макрон, отворање на доверливите документи за геноцидот во Руанда, кои се класифицирани како државна тајна.
Соработниците на Глуксман, на ваквите реакции одговорија дека „во однос на геноцидот во Руанда, неговиот став им е познат на сите со години”.
– Тој дури направи документарен филм на оваа тема пред 15 години. Неговиот став е јасен. Тоа не е ново и не е променето. Ние сме изненадени што некои се прават како сега да го дознале тоа и инструментализираат една вакво сериозно прашање среде изборната кампања, додава штабот на Глуксман.