Спасовски го најави зголемувањето на платите на вработените во МВР во бруто износ од 3.086 денари

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на социјалните медиуми го најави зголемувањето на платите на вработените во МВР во бруто износ од 3.086 денари. Во продолжение објавата на министерот Спасовски во целост:

„Во стилот на старата мудрост ‘тивка вода брег рони’, во соработка со Македонскиот полициски синдикат, успеавме во заложбата за вработените во МВР да обезбедиме зголемување на платите со цел усогласување со растот на минималната плата, а наспроти сите шпекулации во дневнополитички цели со кои се обидоа да ја деградираат и демотивираат македонската полиција, но и да ја потценат доследноста во исполнувањето на ветеното од страна на нејзиното раководство.

Со денешната одлука на 140 седница на Владата, зелено светло доби предлогот на МВР за линеарно зголемување на постојните плати во висина од 3.086 денари по работник во бруто износ, почнувајќи со платата за месец март 2023, која ќе се исплати во април”.

Тој потсети дека ова е четврто по ред зголемување на платите на вработените на МВР, имајќи го предвид  минатогодишното зголемување од 5% за сите вработени, а претходно преку Буџетот на МВР во 2018 и 2019 беа издејствувано зголемувања на платите за сите вработени. Покрај ова, со зголемување на платите од 30 отсто беа опфатени 100 лица од Одделот за информатика и телекомуникации и тоа сметано од 01.01.2020 година, со цел мотивација на овие дефицитарни кадри да придонесат во функционирањето на МВР на позициите за кои се ангажирани.

“Истовремено, благодарение на домаќинското работење и остварените заштеди во Буџетот, досега доброволно исплативме бонус плати за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2017, 2018, 2019, 2020, 2021 година, а во тек е прибирањето на податоци за вработени коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво за 2022 година, која ќе изнесува 31.859 денари во поединечен износ, што претставува зголемување од речиси 40% на износот на бонус платата во 2017 година која изнесуваше 22.928 денари.

Подобрувањето на статусот на вработените во МВР е императив за ова раководство на МВР. Продолжуваме да го развиваме концептот ‘Задоволна полиција – безбедни граѓани’, кој придонесе за одлични резултати во гарантирање на безбедноста и борбата против сите видови криминал”, истакна министерот Спасовски на социјалните мрежи.

Треба да знаете
Последни објави