Дел од хигиенските производи од 1 април ќе бидат со замрзнати и пониски цени за 13 отсто во однос на износот што го имале во трговијата на мало на 20 март годинава. Владата вчера одлучи да се замрзнат цените на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените за деца и возрасни и хигиенските влошки, а утре или в недела ќе се знае кои видови зеленчук и овошје ќе бидат со замрзнати цени. Веќе се замрзнати цените на белиот и полубелиот леб, дел од млечните производи и тестенините. Од Владата најавуваат дека ќе носат такви одлуки се додека има потреба.
Одлуката за хигиенските производи е донесена врз основа на анализите што ги направи Секторот за трговија при Министерството за економија и се земени предвид увозните цени од Царинската управа. Ќе важи до 31 мај, но може и да се продолжи. Најдобро решение, според ресорниот министер Крешник Бектеши, е да се усвои Законот за намалување на ДДВ. Со тоа, како што вели Бектеши, ќе има системско и долгорочно решение во делот на основните прехранбени производи и хигиенските производи.
– Цената на тоалетната хартија се движела од 94,8 до 343,3 денари, а во периодот од 1 до 24 март годинава од 94,8 до 205 денари. На оваа цена кога ќе се пресмета и ДДВ излегува дека се движела од 111,8 до 241,9 денари. Од овие производи повеќето од 85 отсто се увезени во нашата држава. Кај влажните марамчиња цената во просек се движела од 94,6 денари во јануари, 94,5 денари во февруари и 83,2 денари во март. Кај нив има и царинска стапка од 6 отсто и не е вклучено ДДВ-то во цената. Кај пелените за деца и возрасни цената се движела од 36 денари по парче до 1.600 денари по кутија. Во цената не е вградено ДДВ-то. Кај хигиенски влошки цената се движела од 27,9 денари до 63,56 денари по парче, во што не е вклучена царината од 6 отсто, информираше вчера министерот за економија Бектеши.
Укажувајќи дека одлуката за цената за хигиенските влошки се носи пред се бидејќи Законот за намалување на ДДВ на овие производи се уште не е усвоен во Собранието, го повика претседателот на Комисијата за финансирање и буџет што поскоро да свика седница за да продолжи постапката за законот. Владата, најави тој, е подготвена да се откаже од ДДВ-то за хигиенските производи.
– Законот за ДДВ има посебна одредба со која во време на криза Владата има можност дополнително да го намали ДДВ-то за 5 отсто во комуникација со стопанските комори и со Организацијата на потрошувачите. Ние сме за да се усвои законското решение и системски да се реши проблематиката во делот на намалувањето на ДДВ-то. Подготвени сме и за намалување на царинските давачки особено за основните прехранбени производи и хигиенските производи кои секојдневно се користат од нашите граѓани, рече Бектеши, кој тврди дека нема да дојде до нагло поскапување на производите кога ќе престанат да важат владините одлуки за замрзнување на цените.
Производителите и трговците, како што вели министерот за економија, можат да направат калкулации согласно постечките цени на суровините и другите параметри кои се влезни во утврдувањето на финалната цена на производите.
– Нема таков ризик оваа година. Ги повикав сите производители и увозници, тие знаат кога поскапуваат суровините и кога е жетвата, да се подготват зашто мерките може да продолжат и по 31 мај. Значи, нема никаков ризик од зголемување на цените, производителите и трговците може да направат калкулации согласно постечките цени на суровините и другите параметри како влезни во утврдувањето на финалната цена. Сите моментно се со маржа на профит и со цените утврдени од Владата, изјави министерот, во пресрет на владината седница.
Влезните параметри за овошјето и зеленчукот од Министерството за земјоделство се веќе во Министерството за економија и се очекуваат уште податоците од Царинската управа, по што утре или најдоцна до недела јавнсота ќе биде информирана на кои овошја и зеленчуци ќе се замрзнат цените.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера при посета на компанијата за производство на јајца „Везе Шари“ повтори дека Владата е насочена кон стабилизирање на цените на основните прехранбени производи со цел еднаквост за сите како основа на неговото работење.
Има, како што вели премиерот, редовно снабдување на целата малопродажба со сите основни прехранбени производи и во најголем се почитуваат мерките за ограничување на цените на основните прехранбени производи.
– На терен досега инспекторатот има направено 500 контроли од инспекторските служби и тие ќе продолжат и во текот на наредните денови, рече Ковачевски.
Од Стопанската комора на Северна Македонија, пак, и вчера порачаа дека замрзнувањето на цените не е пазарна мерка. – Ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковните резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам, изјави извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев, посочувајчи дека економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените.
– Владата посегна по оваа мерка, сакајќи да го намали притисокот на населението кое се најде во економски проблеми, но јас мислам, а и вие слушнавте, дека сите економии во светот малку поинаку му приоѓаат на проблемот. Ние се залагаме токму за тој принцип – да не одиме со замрзнување на цените, туку со субвенционирање на она население на кое тоа навистина му треба. Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо. Затоа, многу повеќе ги почитуваме мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царините, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои го прават домашното производство поконкурентно, отколку директно замрзнување на цените, изјави Пешев, на новинарски прашања пред Македонско-австриските бизнис-средби во Комората.
Замрзнувањето на цените, порача тој, е мерка која не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања.
– Оваа мерка не може да трае долго и по нејзиното завршување повторно ќе го имаме проблемот со зголемување на цените. Во меѓуврме, пак, компаниите чии производи биле опфатени со замрзнувањето на цените, изгубиле многу пари. Затоа ние секогаш се залагаме за пазарни, а не за популистички мерки, рече Пешев.
Од Сојузот на стопански комори, вчера посочија дека секое замрзнување на цените има позитивни и негативни консеквенци и оти како комора преферираат слободен пазар.
– Ако Владата смета дека треба да воведе ваква мерка, најубаво е и да објасни каква и е идејата и што сака да постигне, изјави вчера претседателот на ССК Трајан Ангелески.