Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во ТВ21 кажа дека недостасува искрен разговор на ниво на политичките партии, околу тоа дали сите, не само номинално, туку и вистински се за членство во Европската Унија под овие услови.
-Затоа што ние не можеме да ги промениме условите, се обидовме, толку успеавме, преговарачката рамка е усвоена, и под тие услови под коишто е усвоена, нам ќе ни биде отворена, или нема да ни биде отворена вратата на ЕУ. Но мислам дека треба да почнеме од таа точка дека зададената преговарачка рамка не можеме да ја промениме, и оттука да почнеме да разговараме и за сите други прашања. Факт е дека неправедна била Европската Унија кон нас бидејќи перцепцијата на нашите граѓани е дека треба само да ги задоволиме соседите коишто се веќе членки. Дека е тоа приоритетна задача. И факт е дека премногу бил билатерализиран процесот, факт е дека имаме и други држави кои имаат исти такви потешкотии, или покрупни, да не заборавиме дека Косово е поглавје во преговорите на Србија, истакна Маричиќ.
Тој додаде дека нам не ни треба деполитизација, туку искрен разговор и политизација на овој процес, односно политичките партии да влезат во него искрено и со целосна поддршка.
-Јас имав неколку разговори и формални и неформални со претставници на опозицијата во Собранието, каде што најпрво побаравме од нив мислење, дури и понудивме некои експертски примери, модели, како може да се зајакне улогата на Националниот совет за европска интеграција, каде што претседава опозицијата, како да му дадеме повеќе сила на тој Совет во процесот на преговори, за да има учество на опозицијата и да ја подели одговорноста, но и славата на процесот. Токму за да се намали таа поларизација. И за да кажеме, немаме проблем како Влада да кажеме дека и опозицијата има удел, одговорност, доколку се спремни таа одговорност да ја преземат. За жал нема соодветен одзив, и ние ќе се обидуваме и во наредниот период, дури и со господинот Дробњак работиме на некој предлог којшто се надевам е вреден за разгледување. Пред три, четири месеци имам јас лично разговарано со претставници на опозицијата каде што сум им рекол ние ќе ви дадеме листа на експерти, кажете дали е во ред, за вклучување во овој процес, не сме добиле никаков одговор, рече Маричиќ.