Поранешниот американски претседател Доналд Трамп тврди дека собрал повеќе од 4 милиони долари за 24 часа по објавувањето на веста за обвинението против него. Оваа бројка ја наведе во соопштение за медиумите, во кое го повтори тврдењето дека е жртва на политички лов на вештерки.
Адвокатите на Трамп изјавија за Sky News дека тој е „подготвен да се бори“ додека се подготвуваат за неговото појавување на суд следниот вторник.
„Добро му оди. Отпорен е и силен и, се разбира, не го радува веста за обвинението. Но, јас би рекла, подготвен е да се бори“, изјави адвокатката Алина Хаба.
„Гледаме селективно гонење. Гледаме лице кое е бескрајно прогонувано. Нема да има осуда, така што не мора ни да зборувам за тоа. Претседателот Трамп апсолутно ќе ја продолжи својата кампања за претседателската функција. “, додаде таа.
Од Трамп се бара да се појави на 15-тиот кат од судот, а ќе биде изведен пред судија во истата судница каде што филмскиот режисер Харви Вајнстин беше осуден во февруари 2020 година под обвинение за силување и сексуален напад. Се верува дека Трамп се соочува со околу 30 точки од обвинението за измама со документи.
Поранешниот претседател нема да биде врзан со лисици, одлучено е по преговорите меѓу неговите адвокати и државното правобранителство. Во понеделник Трамп ќе отпатува за Њујорк и со хеликоптер ќе лета до Менхетен. Тој ќе остане во својот стан во кулата Трамп на 5-та авенија, каде безбедноста е зголемена последните денови.
Во вторник околу и внатре во судската зграда ќе има силно обезбедување. Трамп до судот ќе биде придружуван од агенти на тајната служба, задолжени за трајна заштита на поранешниот претседател.