Албанскиот премиер Еди Рамa изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден еднаш го поздравил поранешниот косовски претседател Хашим Тачи како „Џорџ Вашингтон од Косово“.
„Дали оние кои го водат својот народ кон слобода против бруталните режими сега се сметаат за криминалци? Тоа е загрижувачка мисла, особено ако се земе предвид дека човекот на оваа фотографија еднаш беше пречекан од самиот Џо Бајден како Џорџ Вашингтон од Косово“, напиша Рама.
Заедно со оваа објава, тој сподели текст на Ројтерс во кој се потсетува на судењето и обвинувањата против Хашим Тачи.
Во понеделникот пред Специјалниот суд во Хаг ќе започне судењето на Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Инаку, утре во Приштина ќе биде организиран „Марш за правда“ за поддршка на обвинетите водачи на ОВК чие судење ќе започне в понеделник.