Уметникот кој 40 години ги продава своите дела во Старата скопска чаршија

Преземено од Градска.мк

Покрај урбаниот дел на градот едно од најзначајните места е убавината со која плени Старата чаршија во Скопје. Таа е меѓу најпосетуваните локации од страна на туристите и локалните жители, а преку нејзините калдрмени улици сè уште може да се почувствува минатото – духот на градот. Mали дуќанчиња, занаетчиски објекти, верски објекти, чајџилници, ресторани, музеи и амами се само дел од работите кои може да се најдат на едно место.

Чаршијата сѐ уште живее во духот на традицијата, во себе криејќи приказни за едно минато кое и денес оставило белег, буквално во секое ќоше, а дуќанчињата полни со сувенири, различни народни носии, килими и разни рачни изработки, богати излози со облека и модни додатоци, златен накит, ја прават посебна и привлечна.

Сепак Старата скопска чаршија не би била комплетно магична доколку ги нема уличните уметници. Еден од нив е и сликарот Имер Бајрами, кој веќе 40 години во ќошињата на старата скопска чаршија, слика и ги продава своите уметнички дела.

За порталот градска.мк раскажува дека во старите дуќани на чаршијата сеуште има дела од неговото сликарство кое ги правел уште од прва година во средно училиште, од тогаш и почнал да работи како уметник на сокачите на чаршијата.

Тој веќе 20 години наоѓа инспирација да слика во срцето на чаршијата, во близина на ресторанот „Турист“. Таму тој слика и ги продава своите уметнички дела.

Во зависност од денот, продава по 2-3 слики дневно, купувачите најчесто се туристи.

Вреди да се напомене дека тој учествуваше на аукција во Белгија со 7 слики кои ги продал за 37.500 илјади евра.

Техниките што најмногу ги користи за сликите што ги создава се акварели – водени бои.

Нас бел лист хартија тој создава вистинска магија, прво ги скицира убавините на чаршијата, а потоа им дава живот преку боите за да создаде еден печат, на едно време како вечен миг и спомен, на она што била и што е чаршијата

„Туристи има многу, претежно Турци, Кинези, Јапонци. Најчесто купуваат слики на коишто е застапена старата скопска архитектура. Ние како уметници придонесуваме многу за чаршијата, затоа што со самата продажба на нашите дела, ја чуваме и ја негуваме старата архитектура, стариот дел од чаршијата од Османлискиот период“, вели Бајрами.

Имер Бајрами е роден во Скопје во 1966 година, а почнал да слика во прво одделение и бил секогаш најдобар по предметот цртање.

Треба да знаете
Последни објави