Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервјуто за РТВ Словенија порача дека зачленување во ЕУ не е процес на еден човек, на една Влада, на една политичка партија, туку е процес на целото општество и на сите политички фактори во државата.
„Тоа е стратешки процес од којшто зависи иднината на сегашната и на идните генерации македонци. Нашите граѓани сакаат, заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, меѓутоа да живеат дома, не да живеат во земја членка на ЕУ надвор од својата држава. Затоа сметам, дека ова е одлука којашто треба да ја донесат сите политички партии во државата кои се за европскиот пат и за европска интеграција на државата”, повика премиерот Ковачевски.
Во врска со можноста за договор со опозицијата, премиерот Ковачевски рече дека ќе биде отворен процес на подготовка на уставните амандмани, коишто ќе бидат дел од работата на работна група формирана во Министерството за правда, каде што најголемите експерти во државата од уставно право и претставници на политички партии ќе ги подготват амандманите.
„Ќе има широка расправа меѓу деловната, академската заедница, невладиниот сектор, медиумите, сите граѓани да можат да бидат информирани и потоа низ парламентарна расправа, јас сум убеден дека Северна Македонија ќе има и демократски и визионерски капацитет да ја донесе оваа одлука со којашто ќе продолжиме кон европските интеграции”, оцени премиерот Ковачевски.