Папа Франциск: Сексот е една од најубавите работи што Бог му ги дал на човекот

 Папата Франциск изјави дека сексот е „една од најубавите работи што Бог му ги дал на човекот“ во нова документарна програма наменета за стрим-платформите.

Поглаварот на Римокатоличката црква говори за тоа во документарецот „Папата одговара“ (The Pope: Answers), снимен на негова средба со млади луѓе во Рим. Тие му поставуваа прашања на различни теми, како што се правата на ЛГБТ-заедницата, абортусот, порноиндустријата, сексот, верата и сексуалната злоупотреба во Католичката црква.

– Сексот е една од најубавите работи што Бог му ги дал на човекот. Сексуалното изразување е богатство. Сè што ве спречува од вистинското сексуално изразување, ве ограничува и го намалува ова богатство, советува папата, имајќи ја предвид и мастурбацијата.

Потоа го прашаа и дали знае што е „небинарна личност“, а тој вели – да. Папата повтори дека луѓето од ЛГБТ-заедницата мора да бидат срдечно прифатени од Католичката црква.

– Сите луѓе се Божји деца. Сите луѓе. Бог никого не отфрла. Бог е Таткото. И јас немам право никого да избркам од црквата, нагласи поглаварот.

На темата абортус, папата Франциск вели дека свештениците треба да бидат милосрдни кон жените кои ја прекинале бременоста, но и дека оваа практика останува неприфатлива.

– Добро е работите да се нарекуваат со нивното вистинско име. Едно е да се биде крај личноста која доживеала абортус, а сосем друго е да се оправда оваа постапка, вели тој.

Забелешките на папата ги објави официјалниот весник на Ватикан, „Обсерваторе Романо” (Observatore Romano), опишувајќи ги  како „отворен и искрен“ разговор со младите.

Треба да знаете
Последни објави