Отворена е изложбата „30 години членство во ОН“ – иницијатива на Државниот архив

Државниот архив ја афирмира институционалната меморија и ја иницира меѓуинституционалната соработка во одбележувањето на јубилеи од настани втемелени во нашата државност.

Оваа година се навршуваат 30 години од членството на нашата држава во Обединетите нации, при што Државниот архив го реализира проектот изложба „30 години членство во ОН“ во партнерство со Министерството за надворешни работи и Националниот координатор на ОН во Скопје. Искусни професионалци, историчари-архивисти координирани од директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески спроведоа интензивно истражување користејќи архивски материјал од неколку институции што преку оваа изложба за првпат ѝ се претставени на јавноста.

Промотивно, денес во Министерството за надворешни работи се отвори изложбата „30 години членство во ОН“ од страна на заменик-министерот за надворешни работи, м-р Фатмире Исаки, постојаниот координатор на ОН, Росана Дуџак  и директорот на Државниот архив д-р Емил Крстески.

Во своето обраќање пред присутните, директорот д-р Емил Крстески истакна дека приемот во ОН на 8 април 1993 година е значаен чин во меѓународното интегрирање на нашата држава во времиња на конфликти и нестабилност во региониот. Д-р Емил Крстески нагласи дека токму поради тоа, Државниот архив и Министерството за надворешни работи заеднички одлучиле да иницираат изложба што преку архивски материјал и преку фотографии ќе ги потсети генерациите на времињата полни со предизвици.

Во периодот на активното дејствување на македонската дипломатија во тој период за зачленување на државата во ООН, д-р Емил Крстески како новинар одблиску ги следел тие процеси во седиштето на светската организација. Преку испраќање редовни извештаи до Македонската радиотелевизија и други пишани медиуми, јавноста била информирана за сите случувања во врска со приемот на државата во ООН.

Д-р Емил Крстески ја искористи можноста да им се заблагодари на професионалците од кабинетот на претседателот, на д-р Стево Пендаровски,  на Собранието,  на дипломатскиот архив при Министерството за надворешни работи, на канцеларијата на постојаниот претставник на Обединетите нации и на вработените во Државниот архив за меѓусебната соработка и за вложувањето големи напори за реализирање на изложбата, која е од извонредно значење за одбележување на поблиското минато на нашата држава.

Треба да знаете
Последни објави