ФАО: Светските цени на храната паѓаат дванаесетти месец по ред, на локалните пазари храната сè поскапа

Светските цени на храната паднаа за 20,5 отсто во однос на максимумот од пред една година, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Индексот на цените на храната во март падна 12-ти последователен месец и во просек изнесуваше 126,9 поени, што е за 2,1 отсто помалку во однос на претходниот месец и 20,5 отсто под максималното ниво од март 2022 година. Тоа е резултат на зголемената понуда, намалената побарувачка за увоз и експанзијата на Црноморската иницијатива за жито, се наведува во соопштението.

Индексот на цените на житарките падна за 5,6 отсто во однос на февруари, при што меѓународните цени на пченицата се намалени за 7,1 отсто, под притисок на големите приноси во Австралија, подобрените услови за културите во Европската Унија, високите залихи од Руската Федерација и тековниот извоз од Украина.

Во соопштението на ФАО се додава дека светските цени на пченката паднале за 4,6 отсто, делумно поради очекувањата за рекордна жетва во Бразил, додека цената на оризот паднала за 3,2 отсто.

Индексот на цените на растителното масло е во просек за 3 отсто понизок во однос на претходниот месец и 47,7 отсто под нивото од март 2022 година.

Индексот на ФАО на цените на млечните производи падна за 0,8 отсто во март, при што цените на путерот се зголемија поради зголемената побарувачка за увоз, додека цените на сирењето паднаа поради повисоките залихи кај водечките извозници.

Спротивно на тоа, индексот на цените на шеќерот се зголеми за 1,5 отсто од февруари на највисокото ниво од октомври 2016 година, како одраз на загриженоста поради опаѓањето на производството во Индија, Тајланд и Кина.

Индексот на цените на месото на ФАО незначително се зголеми, за 0,5 отсто. Меѓународните котации на говедско месо се зголемија, под влијание на растот на внатрешните цени во Соединетите Американски Држави, додека цените на свинското месо се зголемија поради зголемената побарувачка во Европа во пресрет на празниците.

Иако цените паднаа на глобално ниво, тие сè уште се многу високи и продолжуваат да растат на домашните пазари, што претставува дополнителни предизвици за безбедноста на храната. Ова особено се однесува на земјите во развој кои увезуваат храна, каде што ситуацијата се влошува со поевтинувањето на нивните валути во однос на американскиот долар или еврото и растечкото должничко оптоварување, нагласи главниот економист на ФАО, Максимо Тореро.

Треба да знаете
Последни објави