Вилјареал по вторпат во својата историја победи на „Сантијаго Бернабеу“ изненадувајќи го славниот шпански фудбалски гигант Реал Мадрид, кој по убедливиот триумф на „Камп Ноу“ против големиот ривал Барселона (0:4), не успеа да излезе на крај со гостите предводени од Кике Сетиен. „Жолтата подморница“ направи пресврт и победи во Мадрид со резултат 2:3, а иако мечот беше доста атрактивен и коректен, сепак следело „трето полувреме“ по крајот на дербито во Ла Лига.
Фудбалерот на Реал Мадрид, Федерико Валверде, после натпреварот со Вилјареал, го чекал колегата Алехандро Баена пред автобусот на гостинската екипа, и му удрил бокс в лице, велејќи му „Ајде сега повтори ги зборовите што ми ги кажа“.
Според шпанските медиуми, Баена во јануари, за време на натпреварот во Купот на Кралот, ја исмевал бремената сопруга на Валверде, која во тој период се плашеше од можна загубата на бебето кое го носи.
„Плачи сега затоа што вашето бебе нема да се роди“ – му рекол Бaена на Валверде после еден негов старт.
Тогаш Валверде премолчел, но Баена и синоќа му кажал нешто слично, па на фудбалерот на Реал му пукнал филмот и направил инцидент на паркингот.
Пресметката ја потврдил и портпаролот на Валверде кој за „Марка“ открил дека ова било резултат на ниската провокација која противникот ја испратил за време на мечот.