Руското демократско општество (РДД) денеска организираше перформанс во центарот на Белград на кој го изразија своето противење на политиката на рускиот претседател Владимир Путин, наведувајќи дека тој е виновен за жртвите од војната во Украина, јави дописникот на МИА од Белград.
Со перформанс на Плоштадот на Републиката во Белград, активистите на тоа здружение сакаа да ги прикажат жртвите од војната, со четворица активисти кои лежат облечени во бело, со врзани раце и намачкани со лажна крв, додека претставниците на РДД држеа транспаренти „ова го направи Путин“ и „Украина“.
Претставникот на РДД Анастасија Дворјанова за агенцијата Бета изјави дека перформансот е посветен на Украинците кои биле убиени од руската армија.
-Ние сме Руси и тука сме уште еднаш да кажеме дека сме против оваа војна и со овој настап сакаме да им покажеме на Србите дека тоа се страшни дела, рече Дворјанова.
Перфомансот се одржа под наслов „Сеќавања на жртвите од воените злосторства на војската на Владимир Путин во Украина“.
Руските граѓани кои се доселија во Србија од почетокот на војната во Украина, во декември го основаа здружението „Руско демократско општество“, за кое тврдат дека е антивоено и антифашистичко и ја осудува употребата на воена сила за решавање на меѓународни и внатрешни спорови.