Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи се залага за доследно почитување и спроведување на основните документи, принципи и вредности на ОБСЕ, анализира Армен Ованисјан-Ерменец. Коментирајќи ја посетата на Османи на регионот на Кавказот, Ованисјан наведува дека претседавачот, испраќа порака за спречување на вооружени судири, односно помош за решавање на конфликтите по мирен пат, мирната коегзистенција, почитување на границите и зачувување на територијалниот интегритет на државите, но истовремено и почитување на правото на самоопределување на народите.
Аналитичарот особено се осврнува на фактот што „претседавачот доаѓа од Северна Македонија, земја која и самата произлегла како резултат на примена на правото на самоопределување на народите при распадот на СФРЈ“. Ованисјан ова го нагласува во контекст на ерменско-азербејџанскиот конфликт во Нагорно Карабах и правото на мнозинското ерменско население во тој Регион на самоопределување.
Напнатоста на ерменско-азербејџанската граница (Карабах) и ескалацијата на конфликтот која ја прави Азербејџан ќе биде едно од прашањата на кои ќе биде посветено особено внимание и на кои секако би се осврнал Претседавачот за време на посетата, наведува аналитичарот.