Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, од утре ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел (13. и 14. ноември 2017 година).
Во текот на посетата, Вицепремиерот Османи ќе оствари средби со Потпретседателката на Европската Комисија и Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, како и со Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. На средбите ќе се разговара за новите можности на евроинтегративните процеси на Република Македонија, кредибилноста на процесот на проширување на Унијата, а ќе бидат отворени и темите за регионалните предизвици во контекст на соработката на земјите од Западен Балкан.
Во рамките на посетата на Брисел, Вицепремиерот Османи ќе учествува и на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите- членки на ЕУ, организиран под покровителство на постојаните претставници на Шведска и Бугарија во ЕУ, каде заедно со Министерот за надворешни Димитров ќе реферираат за напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите за европска интеграција, како и за останатите активности во насока на европските амбиции на земјата.
Вицепремиерот Османи ќе има и свое обраќање пред независниот тинк тенк институт, Европски центар за политика (EPC), на тема, „Планот 3-6-9: понатамошно унапредување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ“ (Plan 3-6-9: Further advancement of the Macedonian EU integration process), а ќе оствари средба и со Директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Геновева Руиз Калавера.