Шпанија и по визната либерализација нема да ја крене рампата за граѓаните со патни исправи од Косово

Иако од следната година ќе имаат безвизен режим со земјите од Западна Европа, граѓаните на Косово нема да можат да патуваат во Шпанија бидејќи оваа земја не ги признава патните исправи на таа земја.

„Признавањето на патните исправи е национална надлежност. Меѓу земјите од Шенген, сите освен една ги признаа патните исправи на Косово. Тоа значи дека визната либерализација за Косово ќе им овозможи на имателите на косовски пасоши да патуваат без визи во сите, освен една шенген-земја“, потврди за Радио Слободна Европа (РСЕ) Анита Хипер, портпаролка на Европската комисија (ЕК).

Европската унија (ЕУ) одобри визна либерализација за Косово. Од 1 јануари 2024 година, граѓаните на Косово, како и другите во регионот, ќе уживаат безвизен режим.

Косово не е признаено од пет земји-членки на ЕУ: Шпанија, Романија, Словачка, Кипар и Грција. За разлика од другите земји, Шпанија не ги признава ниту патните исправи на Косово.

Министрите за внатрешни работи на овие пет земји, вклучително и Шпанија, на министерскиот состанок одржан на 9 март 2023 година, гласаа за визна либерализација за Косово.

При подготовката на текстот на одлуката минатата година, првиот нацрт предвидуваше 1 декември 2023 година да биде краен рок за укинување на визниот режим за Косово.

Сепак, Шпанија, која ќе претседава со Европската Унија од 1 јули до 31 декември годинава, не сакаше визната либерализација за Косово да стапи на сила за време на неговото претседавање. Тоа е причината што рокот е поместен за 1 јануари 2024 година, кога истекува мандатот на шпанското претседателство со Европската унија.

Треба да знаете
Последни објави