Одѕивот на гласачите на денешните локални избори во северно Косово е многу низок, соопшти Централната изборна комисија на Косово, цитирана од КосоваПрес.
Во Северна Митровица до 11 часот гласале само 1,05 отсто од гласачите, сличен е процентот и во Зубин поток, а во Лепосавиќ и Звечан до овој момент гласале само околу 30 гласачи, што претставува 0,21 и 0,41 отсто од тие со право на глас.
„Освен во некои ретки и малубројни случаи, Србите ги бојкотираат изборите“, изјави анонимен претставник на Централната изборна комисија.
Изборите се организираат откако градоначалниците на тие општини од редовите на Српската листа, поднесоа оставки во ноември минатата година, во знак на противење на одлуката на Владата на Косово да се пререгистрираат автомобилите со нелегални српски таблички во РКС – Република Косово.
Изборите ги бојкотира најголемиот политички субјект на косовските Срби, Српската листа, која повика сите избирачки места да бидат празни.