ТВ дуел на претседателите на двете најголеми партии Кирјакос Мицотакис и Алексис Ципрас и дебата со учество на сите партиски лидери, се дел од барањата на опозициската СИРИЗА што ќе ги достави до Меѓупартискиот изборен комитет во пресрет на парламентарните избори во Грција на 21 мај, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролката на СИРИЗА Попи Цапаниду рече дека „демократија значи транспарентност, плурализам и еднаквост во претставувањето на партиите во медиумите“ и во оваа насока, ќе поднесат три барања до Меѓупартиската комисија.
-Прво, да се одржат два ТВ дуели на национално ниво. Еден со сите политички лидери, како и втор меѓу премиерот во заминување и лидерот на опозиција. Второ, строго да се почитува еднакво време на покривање на позициите на партиите во сите медиуми. Трето, компании за истражување на јавното мислење транспарентно да ја извршуваат нивната работа со објавување на примарните и непристрасни податоци од нивните анкети, рече портпаролката на СИРИЗА.
Портпаролот на грчката Влада Акис Скерцос одговори дека за дебатите детално ќе разговараат на состанокот на Меѓупартиската изборна комисија.
Откако изборите беа и официјално распишани во саботата и почна предизборниот период, а беше поставена и в.д. министерка за внатрешни работи, надлежна за изборниот процес, ќе се формира Меѓупартиска изборна комисија чија главна задача ќе биде правилно спроведување на оредбите од изборниот законик.
Претседател на комисијата е министерот за внатрешни работи, а членовите се претставници од сите партии кои беа дел од Парламентот.
Комисијата треба да се формира денеска или најдоцна утре со оглед на тоа дека законскиот рок е три дена од распишувањето на парламентарните избори.