Откако првиот човек на Вагнер изјави дека синот на портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков се борел заедно со неговите платеници во Украина, Николај Песков (33) ја потврди оваа информација.
Синот на Песков за „Комсомолскаја правда“ изјави дека бил во Вагнер и дека служел во Украина речиси шест месеци, пишува Би-Би-Си.
„Тоа беше моја должност, не можев да седам настрана и да ги гледам моите пријатели и другите како одат во Украина“, рече тој.
Приватната војска Вагнер е обвинета за воени злосторства и злоупотреби во Украина. Меѓу платениците на Вагнер, неколку илјади осуденици беа регрутирани од затворите, откако групата претрпе големи загуби. Ретко се случува член на руската елита да се приклучи на оваа група. Многумина од нив заминаа во странство за да избегнат регрутирање во редовната армија.
Николај Песков течно зборува англиски јазик, бидејќи во своите млади денови поминал неколку години во Лондон. Работел како дописник за руската државна телевизија Раша тудеј.
И тој и неговиот татко се под американски санкции. Во интервју за про-кремљскиот дневен весник „Комсомолскаја Правда“, тој рече дека негова одлука е да му се придружи на Вагнер, но не знаел како да го направи тоа.
„Затоа му се обратив на татко ми и тој ми помогна“, вели помладиот Песков.
Тој рече дека користел лажна лична карта за неговите другари да не дознаат за неговите врски со Кремљ. Тој не го откри тоа лажно име во интервјуто затоа што можеби ќе го употреби повторно во одреден момент во иднина.
Би-Би-Си не можеше да го потврди неговото тврдење дека бил во Вагнер.
Николај Песков не откри каде точно служел во Украина. Шефот на Вагнер Пригожин за руските медиуми изјавил дека Песков, откако се приклучил на групата со лажни документи, поминал тринеделен тренинг. Тој изјавил дека Песков бил во Луганск и дека покажал храброст и херојство „како и сите други“.
Пригожин тврди дека портпаролот на Кремљ побарал од него да го земе неговиот син како обичен артилериец. Николај Песков изјави дека годинава добил медал за храброст.
„Тоа се случи откако целиот мој тим го постигна подвигот, но не можам да кажам повеќе од тоа“, рече Песков.