Мрежата за спречување и заштита од дискриминација, како Мрежа која повеќе години активно работи на развој на домашна практика за заштита од дискриминација, а од 2018 година има и за цел да ја следи и мониторира примената на долго најавуваниот нов Закон за спречување и заштита од дискриминација, го поздравува усвојувањето на Законот.
Со новиот Закон, велат од таму, и со проширувањето на основите на дискриминација од една страна се нуди подобра заштита на основните човекови права за сите граѓани, особено за оние кои се наоѓаат на маргините на општетството, а од друга страна се покажа политичка волја за исполнување на обврските на државата пред меѓународните тела за човекови права, кои веќе дадоа позитивно мислење и препораки за донесување на овој закон.
„Овој Закон, нуди услови за избор на независна и професионална Комисијата за заштита од дискриминација, бидејќи членовите на Комисијата покрај искуство со работа во областа на човековите права, треба да имаат искуство и со работа во областа на нееднаквост и недискриминација, како и да не се носители на функции во политички партии. Поради ова сметаме дека треба што побрзо да се пристапи кон формирање на нова независна, ефикасна и професионална Комисија, која ќе ја препознава дискриминацијата за сите граѓани подеднакво“, велат од МЗД.
Како граѓански организации, велат од таму, будно ќе го следиме спроведувањето на усвоениот Закон за спречување и заштита од дискриминација. Исто така, МЗД очекува и исполнување на препораката на Европската Комисија за усогласување на останатата законска регулатива со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација.
Мрежата за заштита од дискриминација членуваат следните органиции: Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција Маргини, Фондација Отворено општество – Македонија, Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение ХОПС – Опции за здрав живот, ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, РОМА СОС –Здружение Ромска Организација за Мултикултурна Афирмација.