– Американскиот претседател Доналд Трамп ја намали царината за увоз на челик од Турција од 50 на 25 отсто, јави агенцијата Анадолија.
Со оваа одлука царината се враќа на нивото на кое беше пред одлуката на Трамп во август минатата година за удвојување на царините во екот на тензиите околу ослободувањето на американскиот пастор, кој беше во притвор во Турција.
Во тој период Турција и Соединетите Американски Држави (САД) воведоа реципрочни царини на одредена стока, меѓу која и на челикот и алуминиумот, потсетува агенцијата.
Трамп во прогласот кажа дека увозот на производи од челик од Турција во 2018 година паднал за 48 отсто, што резултирало со зголемување на искористувањето на домашната индустрија приближно до целното ниво што го препорача секретарот за трговија Вилбур Рос.
– Тоа ниво долгорочно ќе ја подобри финансиската одржливост на индустријата на челик во САД. Со оглед на ова подобрување, утврдив дека е неопходно и соодветно да се отстрани повисоката царина за увоз на челик од Турција, наведе Трамп.
Во декларацијата тој исто така нагласува дека одржувањето на нивото на царината од 25 отсто и понатаму е неопходно.