Шок во Германија: Вашингтон го шпионирал германското Министерство за одбрана

Дојче веле

Обично жолто ливче за пораки изгледа докажува дека Вашингтон го шпионирал германското Министерство за одбрана. Тој документ доаѓа од пакетот објавени извештаи на американската тајна служба. Тие, наводно, биле пуштени во оптек од 21-годишен припадник на американската Национална гарда.

„Германското Министерство за одбрана одбива да ја продлабочи соработката со Народна Република Кина додека Кина не стане транспарентна“. Ова е преводот на англискиот наслов на краткиот извештај, кој најверојатно го направила американската тајна служба.

По кратко време таа белешка повторно исчезна од Интернет. Двете германски редакции го анализираа документот и го сметаат за автентичен. Сепак, само претставници на американската влада можат да потврдат дека тоа е нивен документ. Германските новинари испратија прашања до координаторот на американското разузнавање, но засега нема одговор. Според изјавите на новинарите од редакцијата на неделникот „Цајт“ и телевизискиот магазин „Контрасти“, овој случај во меѓувреме почнал да ги преокупира германските безбедносни власти.

Содржината на документот не е толку чувствителна колку што е фактот дека Вашингтон сè уште спроведува шпионски активности во германските владини институции. Уште во 2013 година беше откриено дека Вашингтон во Германија слушал и читал преписка во голем стил.

Строго доверлив документ

Над краткиот извештај има голем неколку ознаки, меѓу кои е „ТS“ (top secret), што во разузнавачката комуникација е ознака за исклучително чувствителни документи кои неовластени очи никако не треба да ги видат. Како извор е наведен „SI“ (signal intelligence), односно електронско следење на комуникацијата. Ознаката покажува дека податоците можеби се добиени од електронска пошта или со хакирање на некој комуникациски систем во германското Министерство за одбрана.

Американските разузнавачи споменуваат средба што се одржала на 20 февруари во Берлин кога претставници на Министерството разговарале со делегација на кинеските вооружени сили. Владини кругови потврдија дека средбата се одржала, а според нив таа била дел од нормалната воена дипломатија и се одржала во координација со другите ресори на германската Влада.

Германската страна ја претставуваше надлежно службено лице на помошното одделение „Политика II“. Се разговараше за војната во Украина, тензиите околу Тајван и воената поддршка за Обединетите нации. Во разговорот германската страна наводно јасно го искажала ставот дека кинеската страна мора да стане транспарентна пред да ја продлабочи соработката.

Кинеската „офанзива на шарм“

Во документот се наведува дека Германците се свесни дека Кинезите спроведуваат „офанзива на шарм“ на европската турнеја бидејќи американскиот притисок врз Кина е зголемен. Дополнително, во документот се наведува дека Германците ја гледаат својата позиција како потврда за германската солидарност со Соединетите Американски Држави. Американската шпионажа изгледа особено апсурдна, кога се знае, а тоа го дознаа и новинарите на две германски редакции, дека германската страна официјално ја известила американската амбасада во Берлин за разговорите со Кинезите.

Според информациите до кои дојдоа новинарите, пристап до тој документ има и германската влада. Сè уште не е јасно како германската влада ќе реагира на можноста дека е изложена на шпионажа на сојузниците. Новинарите неофицијално дознаваат дека ставот на Берлин ќе зависи од тоа како Вашингтон ќе реагира на случајот.

Германската влада е свесна за фактот дека Германија зависи од сознанијата на американските тајни служби. Покрај тоа, Берлин не сака да ги заостри односите со САД за време на војната во Украина.

„Пријателите никогаш не се прислушуваат еден со друг“

„Ова е релевантна процедура, а Ангела Меркел еднаш рече: „Пријателите не се прислушуваат под никакви околности“, коментираше за целиот случај политичарот на Зелените Константин фон Ноц. Сепак, тој нагласува дека прво мора да се разговара со Американците и да се разјасни како дошло до наводната шпионажа.

Густав Гресел од берлинскиот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи (ЕЦФР) не е изненаден од можноста Вашингтон да го шпионира германскиот главен град, бидејќи според него, тоа има традиција. Гресел веројатно средба со веројатно истата кинеска делегација само еден ден по германско-кинеските преговори.

„Американците“, вели тој, „обележаа како строго доверливи информации што можеше да се добијат со јавување на телефонскиот број на Фондацијата за наука и политика или со љубезно поставување прашање во Министерството за одбрана“.

Експертот бара „смена на епохите“ и во контрашпионажата

Сепак, Гресел смета дека е проблематично што Германија се гледа себеси како „разузнавачки непливач“ и што не се штити доволно. Според него, информациите кои со својата работа ги добиваат американските разузнавачи веројатно се лесно достапни и за разузнавачите на помалку пријателски нации како Русија и Кина.

„Прашањето за одбранбеното разузнавање сè уште не е дојдено до дискусијата за смени на епохите. Неопходно е германската јавност да има доверба во сопствените институции кога станува збор за надлежностите на германските тајни служби и за подобрувањето на контраразузнавачките способности во Германија. Се надевам дека ќе стигнеме до тоа, но многу далеку сме од целта“, заклучува Густав Гресел. 

Треба да знаете
Последни објави