Украина им порача на ЕУ и Полска: Ограничувањата за нашите житарки се неприфатливи

Вчера, пред Европската комисија да објави дека постигнала договор за продолжување на транзитот на украинското жито низ петте земји на ЕУ кои воведоа рестрикции, Украина протестираше против своите клучни сојузници, Европската унија и Полска.

Комисијата вчера објави дека постигнала начелен договор за да се овозможи продолжување на транзитот на украинското жито низ петте земји на Европската унија кои воведоа рестрикции.

Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка ги воведоа мерките наведувајќи ја загриженоста дека житото од Украина наменето за извоз во други земји завршува на нивните локални пазари, што ги поткопува цените за локалните земјоделци.

„Ограничувањата на извозот на жито се категорично неприфатливи“

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека испратило писмо до полската амбасада и канцеларијата на ЕУ во Киев во кое го изразува своето разочарување од ситуацијата, со оценка дека ограничувањата за извозот на жито се „категорично неприфатливи“.

Портпаролот на министерството Олег Николенко потврди дека писмото е испратено пред објавата на Комисијата за постигнатиот договор.

На прашањето дали соопштението на Комисијата менува нешто во ставот на министерството, тој рече дека „извозот на сите украински стоки мора да се одвива непречено“.

„Постојат целосни законски основи веднаш да продолжи извозот на украинските земјоделски производи во Полска, Романија, Унгарија, Словачка и Бугарија, како и да продолжи непречен извоз во другите членки на ЕУ“, се вели во соопштението на Министерството.

Заштитни мерки за четири производи – пченица, пченка, семе од репка и семки од сончоглед

Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис вчера на Твитер објави дека договорот со ЕК вклучува „заштитни мерки“ за четири производи – пченица, пченка, семе од репка и семки од сончоглед.

Договорот вклучува и пакет за поддршка во вредност од 100 милиони евра (110,25 милиони американски долари) за локалните земјоделци, рече Домбровскис. Пет земји-членки на ЕУ станаа транзитни рути за украинското жито што не можеше да се извезе преку пристаништата на Црното Море поради руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година.

Треба да знаете
Последни објави