Ноам Чомски: Русија во Украина се однесува похумано од САД во Ирак

Американскиот интелектуалец и лингвист Ноам Чомски, децениски критичар на американската надворешна политика, во интервју за неделникот „Њу Стејтсмен“ вели дека Русија се однесува воздржано и умерено во Украина.

Познатиот американски интелектуалец, лингвист, филозоф, писател и професор Чомски е еден од најгласните критичари на надворешната политика на Соединетите Американски Држави по Виетнамската војна.

Неговиот есеј „Одговорноста на интелектуалците“ од 1967 година ја осуди американската интелектуална елита, особено општествените научници и технократите од Вашингтон, бидејќи, како што веруваше Чомски, и помогна на тогашната американска администрација да ги „измие рацете“ од неприфатливите воени потфати и да ги оправда злосторствата извршени во Виетнам.

Иако, 56 години подоцна, конфликтот во Украина е сосема поинаков од војната во Виетнам и Соединетите Американски Држави не војуваат на странска територија, туку поддржуваат суверена земја која е нападната од Русија, Чомски е подеднакво критичен кон Американската политика, но и на Украина, каде што е роден татко му, пред да емигрира во САД во 1913 година.

Во интервју за неделникот Њу Стејтсмен, Чомски вели дека САД и Велика Британија ги отфрлаат преговорите во Украина заради нивните национални интереси, иако земјата е веќе сериозно уништена од војната.

„Украина не е слободен актер, зависи од тоа што ќе определи САД“ истакнува Чомски и вели дека САД го снабдуваат Киев со оружје само за да ја ослабат Русија.

„За САД сето ова е евтино. За само дел од колосалниот воен буџет, тие се способни сериозно да ги деградираат воените сили на нивниот единствен вистински воен противник“, објаснува Чомски.

Смета дека Русија се однесува воздржано и умерено. Тој го споредува руското војување во Украина со американската инвазија на Ирак во 2003 година, тврдејќи дека во Украина не се случило големо уништување на инфраструктурата.

„Несомнено, Русија би можела да го направи тоа, веројатно со конвенционално оружје. Може да го направи Киев неодржлив, како што беше Багдад, може да ги нападне линиите за снабдување во западна Украина“, истакнува Чомски.

На прашањето дали тој имплицира дека Русија се бори во Украина похумано отколку што САД се борат во Ирак, Чомски вели дека тоа е сосема очигледно.

Тој посочува дека делегациите на Обединетите нации морале да се повлечат кога започнала инвазијата на Ирак бидејќи нападот бил толку сериозен и екстремен.

„Тоа е американски и британски стил на војување. Погледнете ги жртвите. Сè што знам се официјалните бројки, а официјалните податоци од Обединетите нации велат дека има околу 8.000 цивилни жртви во Украина. Колку цивилни жртви имаше кога САД и Британија го нападнаа Ирак?“, прашува Чомски.

Тој нагласува дека доказ за воздржаноста на Русија е и бројот на странски функционери кои отпатувале во Киев од избувнувањето на војната.

„Кога САД и Британија го уништија Багдад, отиде ли некој странски лидер во посета? Не, затоа што кога САД и Британија влегуваат во војна, фаќаат право за гуша. Уништуваат сè – комуникации, транспорт, енергија, се што прави општеството да функционира“, набројува Чомски.

На прашањето како би можело да изгледа потенцијалното решение за војната во Украина, Чомски вели дека, пред се, Украина никогаш нема да биде членка на НАТО алијансата.

„Ова е црвената линија на која инсистираше секој руски лидер, од поранешниот руски претседател Борис Елцин до поранешниот советски лидер Михаил Горбачов. Украина го добива статусот на Австрија за време на Студената војна или Мексико денес. Мексико не може да се приклучи на воен сојуз кој е непријателски настроен кон САД. Нема договор за тоа, но тоа е совршено очигледно“, објаснува Чомски.

Тој ја коментираше и желбата на Шведска и Финска да станат членки на НАТО алијансата. Иако двете земји експлицитно ја наведоа инвазијата на Украина како причина за нивното барање за приклучување, Чомски вели дека тврдењата дека Русија може да и се закани на која било земја се западна пропаганда.

Треба да знаете
Последни објави