Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека турските разузнавачки сили го убиле лидерот на Исламската држава Абу Хусеин ал Кураши во Сирија.
„Тоа лице беше неутрализирано вчера во рамките на операцијата на Турската национална разузнавачка организација во Сирија“, рече Ердоган во интервју за телевизијата „ТРТ Турк“.
Ердоган рече дека разузнавачката организација долго време го гонела Кураши.
Сириски локални и безбедносни извори соопштија дека рацијата се случила во северниот сириски град Јандарис, кој е под контрола на бунтовничките групи поддржани од Турција и еден од најтешко погодените во земјотресот на 6 февруари што ги погоди и Турција и Сирија.
Сириската национална армија, опозициската фракција во областа, засега е без коментар.
Еден од жителите изјави дека судирите започнале на работ на Јандарис ноќта од саботата кон неделата и траеле околу еден час пред жителите да слушнат голема експлозија.
Областа подоцна беше опколена од безбедносните сили за да спречат некој да се приближи до областа.
ИД го избра Ал Кураши за свој водач во ноември 2022 година, откако претходниот лидер на ИД беше убиен во операција во јужна Сирија.