Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, оцени дека утрешната средба во Брисел, во рамки на дијалогот меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, ќе биде исклучително важна. Во објава на Фејсбук, Лајчак ја сумира минатата недела, велејќи дека на Економскиот форум во Делфи се сретнал со косовскиот премиер Курти, со цел детално да се подготви за претстојната средба во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина што ќе се одржи на 2 мај во Брисел.
-Мојата последна недела почна и заврши во земји за кои Западен Балкан е високо на агендата. За дијалогот меѓу Белград и Приштина го информирав мојот добар пријател, министерот за надворешни работи на Грција. Разговарав и со косовскиот премиер Албин Курти за деталната подготовка за претстојната средба на високо ниво на 2 мај, која ќе биде особено важна, вели Лајчак.
Во пресрет на утрешниот состанок со претседателот на Србија, косовскиот премиер Албин Курти изјави оти нема да дозволи создавање на нова форма на Република Српска на северот од Косово, ниту, како што рече, сателитска парадржава со деструктивна суштина да ја поткопа државноста на Косово.
На состанокот од 27 февруари во Брисел беше договорен текстот на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Вучиќ и Курти, под покровителство на ЕУ, на 18 март одржаа состанок и во Охрид каде беше постигнат договор и за анексот за имплементација на сите членови од Договорот.
Лидерите не го потпишаа договорот, но според претставниците на ЕУ и САД, и покрај тоа, двете страни се обврзани да ги спроведат сите точки предвидени во него.