Американската полиција синоќа упадна во Амбасадата на Венецуела за да ја протера групата која протестираше против политиката на САД кон земјата.
Со овој чекор отворен е пат тоа дипломатско претставништво да му се предаде на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, коментираат светските агенции.
Кон средината на април членови на три активистички групи кои го поддржуваат актуелниот претседател Николас Мадуро, ја окупираа Амбасадата на Венецуела во Вашингтон, наведувајќи дека се „поканети гости” на венецуелската Влада.
Активистите се противат на американската интервенција во Венецуела против претседателот Николас Мадуро во корист на Гуаидо, самопрогласен привремен претседател на државата.
Американските власти синоќа ги уапсија последните четворица демонстранти откако беа отсечени комуналиите за објектот, а групата го игнорираше налогот да ја напуштат зградата.
Тајната служба потврди дека полицајците им помогнале на агентите на дипломатската служба на Стејт департментот во спроведувањето на налогот за апсење луѓе во Амбасадата.
Портпаролката на Стејт департментот рече дека „Владата на Гуаидо”, кого САД го признаваат за претседател на Венецуела, побарала помош за отстранување на демонстрантите од Амбасадата.