Денеска, (03.05.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на конференција на тема „Регионални безбедносни предизвици и настани во земјите од Западен Балкан”, чијашто организација е во склоп на активностите на Претседателскиот центар за политичко образование. Конференцијата ја отвори претседателот на Републикa Северна Македонија, Стево Пендаровски, со поздравно обраќање во присуство на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Србија, Кристофер Р. Хил, кој во своето обраќање зборуваше за актуелните политичко безбедносни трендови во регионот, при што ја истакна регионалната иницијатива Отворен Балкан.
„Важна е регионалната интеграција. Важни се граници кои не ги делат луѓето, туку обединуваат. Отворен Балкан создава добрососедство и го олеснува протокот на движење на границите. Поентата на иницијативата е да се создадат начини на соработка со соседите.”, истакна амбасадорот Хил, по што се осврна на дијалогот меѓу Србија и Косово, како и ситуацијата во Босна и Херцеговина, како најголеми регионални предизвици во моментов.
Присутните на конференцијата имаа можност да учествуваат во дискусијата која следеше, при што на министерот Спасовски му беше поставено прашање за тоа како МВР се справи со сајбер заканите. Заблагодарувајќи се за поканата за учество на конференцијата, министерот Спасовски истакна дека амбасадорот Хил прати многу важни пораки и сознанија до младите кои го посетуваат Центарот за политики.
„Што се однесува до безбедносната состојба, Северна Македонија има особено важна геостратешка позиција, тогаш и безбедносните проблеми се сериозни. Ние како МВР предупредувавме години наназад. Сега се случува тоа во нашата држава и регионот тоа што се случуваше три години пред инвазијата на Русија врз Украина. Сајбер заканите обзнанија дека институциите треба да се подготват. Имавме неколку месеци жестоки напади преку електронски закани токму во образованието, а засегнати беа сите во општеството, родителите, учениците, наставниците. Тоа беше сериозен предизвик, но со
меѓуинституционален одговор, соработка и комуникација со безбедносните служби, АНБ, АР, како и нови упатства и протоколи за сериозно дејствување против заканите, истите практично престанаа. Ова само укажува на хибридна војна во целиот регион, со лажни вести и обиди за рушење на перспективите на Република Северна Македонија во ЕУ.”, рече министерот Спасовски.