Утре (5 мај, петок) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје премиерно ќе биде прикажан едукативно-документарниот филм „Бела книга – женско писмо“ на авторката Снежана Младеновска Анѓелков. Проекцијата, закажана во 12 часот, е дел од активностите на библиотеката за одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Колку авторките биле дел од канонот на македонската литература? Колку таа категорија се променила со текот на времето? Каква е улогата на писателките во рамките на актуелната македонската книжевна сцена? Колку се читани и почитувани? Дали нивните дела се дел од образовниот систем и лектирните изданија?
Снежана Младеновска Анѓелков, авторка на документарниот филм, и самата писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“, разговара со дел од актуелните македонски писателки на овие теми, отворајќи простор за нови размислувања околу женското писмо и сите негови специфики кое тоа со себе ги носи и ги негува. Сопоставувајќи ги своите размислувања за темите за кои пишуваат во своите книги, за начинот на кој го прават тоа, дали има повеќе поетеси или прозаистки на нашата книжевна сцена и други лични и провокативни теми, во филмот учествуваат: Лидија Димковска, Лилјана Пандева, Фросина Пармаковска, Снежана Стојчевска, Калина Малеска, Виолета Танчева-Златева, Николина Андова Шопова и Соња Стојменска-Елзесер.
Овој филм, во соработка со професорките по македонски јазик и литература, ќе биде прикажан во рамките на наставата во неколку средни училишта во Скопје, со цел да им ја доближи литературата на македонските авторки на учениците од трета и четврта година, запознавајќи ги со делата на актуелните домашни писателки, истовремено извршувајќи едукативна функција, но и поттикнувачка размисла за инкорпорирање на нивните книги во наставниот процес во образованието.
Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа се стекнува во 2012 година. Нејјзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник, а истиот потоа доживеа уште две изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда. Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема. Авторка е на филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (2014) посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски. Застапена е во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press.