На денешен ден пред 43 години почина Јосип Броз Тито

На денешен ден пред 43 години почина Јосип Броз Тито, доживотниот претседател на поранешната СФРЈ и на Сојузот на комунистите на Југославија, врховниот командат на вооружените сили и еден од основачите на Покретот на неврзаните. На чело на поранешната СФРЈ беше 35 години.

Тито како што беше тогаш објавено починал на 4 мај во 15.05 часот во Клиничкиот центар во Љубљана, а беше погребан во Куќата на цвеќето на Дедиње во Белград.

Веста за смрта на Тито беше објавена истиот ден во 18.50 часот кога тв-екраните на 30 секунди беа затемнети, а потоа се појави на малите екрани спикерот Миодраг Здравковиќ и соопшти „Почина другарот Тито“.

Ј.Б. Тито е роден во Кумровец во хрватско Загорје во мешовито хрватско-словенечко семејство на 7 мај 1892 година. Иако е познато дека тое е неговиот датум на раѓање за време на владеењето како ден на раѓање во СФРЈ му се одбележуваше 25 мај – познат како Ден на младоста.

Како австро-унгарски воен обврзник учествувал во Првата светска војна, извесно време минал и на српскиот фронт. Како лидер на КПЈ го предводеше партизанското движење – Народно ослободителната војска на Југославија во Втората светска војна. Од Второто заседание на АВНОЈ во ноември 1943 година ја имаше и титулата маршал на Југославија.

Официјалната биографија на Тито по неговата смрт многупати е оспорувана. Се прераскажуваа најразлични приказни и легенди поврзани со името на Тито. Од денешна дистанца останува непобитен факт дека датумот на смрта на една од најзначајните личности во своето време е 4 мај.

Треба да знаете
Последни објави